Детската клиника доби донација бебитерм

Одделот за интензивна нега на Клиниката за детски болести денес доби современ апарат бебитерм, кој овозможува  рамномерно распределување на температурата на бебињата кои е предвремено родени и со компликации.

Клиниката првпат добива бебитерм што е од исклучително значење за нормален развој на бебињата, и е наменет за создавање средина со оптимална топлина, потребна за предвремено родените бебиња и со тоа ги заштитува од несакани ситуации предизвикани од несоодветна температура при трансферот од инкубатор во нормална средина.

Станува збор за трета по ред донација, резултат на националната кампања која веќе втора година активно ја спроведува компанијата ОКТА. Марија Ставрева, менаџер за комуникации и општествена одговорност во компанијата изјави дека кампањата предизвикала голем интерес во јавноста и обединила голем број граѓани, институции и организации со една иста цел.

Директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова се заблагодари за донацијата и истакна дека апаратурата која почнале во неколку фази да ја добиваат на Одделот за интензивна нега денес кулминирала со бебитерм, кој е еден од најмодерните специјализирани креветчиња за новороденчиња.

– Кога ние ќе ги извадиме критичните новородени и понатаму не можеме веднаш да ги оставиме да бидат во таа нормална средина овој кревет овозможува тие да ја чувствуваат средината како да е мајчината утроба, ќе ја чувствуваат средината како нивна и препознатлива, овозможува доволно топлина, ги мери сите витални параметри и укажува дали нешто повторно нешто се случува со новороденчето, додаде Софијанова.

Најави голема реконструкција на Одделот за интензивна нега и негово опремување.