Девет години затвор за убиецот на Леарт Адеми

Скопјанецот Н.Д. (20), кој учествуваше во тепачката во која беше убиен Леарт Адеми (19), во јануари годинава во скопски Чаир, е осуден на шест месеци затвор, дознава „Дневник“. Претходно малолетникот Е.С. (17), кој во банална расправија со нож го избол Адеми, беше осуден за убиство и доби девет години малолетнички затвор.

Од Основното јавно обвинителство – Скопје ја потврдија информацијата.

– Во предметот за кој покажувате интерес се водеа две одвоени постапки, против едно малолетно и едно полнолетно лице. Во предметот против полнолетното лице донесена е судска пресуда по признаена вина и изречена е казна затвор во траење од шест месеци за сторено кривично дело учество во тепачка. Во предметот против малолетното лице Основниот суд Скопје 1 донесе пресуда за кривично дело убиство и на малолетникот му е изречена казна малолетнички затвор во траење од девет години – рекоа од Обвинителството.

По убиството, од МВР информираа дека Н.Д. во јуни лани бил кривично пријавен за насилство бидејќи заедно со уште две лица на јавно место грубо малтретирал други пет лица и демолирал автомобил.

Според обвинението, убиството се случило на 3 јануари околу 19 часот, во близина на ресторанот „Бизнис“ на улицата Ресенска. Леарт, кој бил син на спортскиот новинар Сами Адеми, се враќал од тренинг во локалниот кошаркарски клуб. Тој бил со својот пријател Е.Ф. (21) кога биле пресретнати од Н.Д. и седумнаесетгодишникот.

Притоа Н.Д. го прашал Е.Ф. „што ме гледаш така“ по што настанала вербална расправија, во која Н.Д. го удрил Е.Ф. со тупаница во лицето. Напаѓачот потоа извадил нож и со рачката го удрил Е.Ф. во пределот на левото уво. Во тој момент и седумнаесетгодишникот извадил нож на расклопување и три пати го пробол Леарт во стомакот и во градите. Осомничените веднаш потоа избегале фрлајќи ги ножевите во контејнер. Е.Ф, кога видел дека Леарт паднал во бесвест и крвавел, почнал да бара помош, па запрел автомобил со кој го однеле момчето во болница.

Од Kлиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје сториле с` за да го спасат момчето, но, за жал, тоа било починато. Веднаш од страна на лекарите беше направен обид за реанимација, но, за жал, неуспешен. Утврдено е дека момчето имало убодна рана во пределот на срцето.

Не биле пронајдени ножевите на убијците

Веднаш по убиството, од МВР информираа дека А.А.(19) од Скопје е приведен поради основано сомнение дека го убил Адеми, како и дека трагаат по уште едно лице. На А.А. му беше одреден и 30-дневен притвор. Сепак, по неколку дена во полициска станица сами се пријавиле Н.Д. и малолетникот како извршители на убиството.

Тогаш надлежниот јавен обвинител издаде наредба за препознавање. На извршеното препознавање Е.Ф. ги препознал двајцата како напаѓачи, но тој исто така и на претходно извршеното препознавање го посочил А.А. како напаѓач. Осомничениот потоа беше ослободен од притвор, иако во полициската информација за трагичниот настан никаде не се споменува.

Kако што дозна „Дневник“ од извори во истрагата, не бил најден ниту ножот со кој бил убиен Адеми ниту, пак, ножот што го поседувал Н.Д., а кои двајцата ги фрлиле во контејнер по убиството.