Девет лица повредени во три сообраќајки, меѓу нив и 11-годишно девојче

Вчера во 17.30 часот на улицата „Киро Ристовски Дрнц“ во Тетово 11-годишно девојче од селото Мерово било повредено откако врз него налетало автомобил „Опел“ со тетовски регистерски таблички. Автомобилот бил управуван од страна на Ј.А.(21) од Мала Речица.

Возачот веднаш го префрлил повреденото девојче во Тетовската болница каде по укажаната лекарска помош тоа било задржано за лекување. Материјалната штета во овој случај се проценува на 20 илјади денари. Полицијата работи на утврдување на причините за сообраќајката.

Инаку во Тетово во текот на вчерашниот ден се случиле вкупно три сообраќајни несреќи во кои се повредени девет лица и е причинета материјална штета од околу 100 илјади денари, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Според неговите податоци, првата несреќа се случила околу 15 часот на автопатот Тетово – Скопје во близина на Бензинската пумпа Петрол Компани при што возачот Х.Ф.(29) од Озормиште загубил контрола на автомобилот „Ауди“ што го управувал по што возилото излетало од патот. Со повреди се здобиле возачот и тројцата сопатници кои веднаш биле префрлени во Тетовската клиничка болница каде биле задржани за лекување а материјалната штета се проценува на околу 30 илјади денари. Според првичните полициски информации по извршениот увид на местото од несреќата причина за тоа е неприлагодена брзина односно пребрзо возење.

Последниот ваков настан се случил околу 18 часот на автопатот Тетово- Гостивар при што на околу стотина метри од наплатната рампа кај Тетово се судриле камион „Ивеко“ со тетовски регистерски таблички управуван од Д.К.(47) од Долно Седларце и автомобил „Форд“ со скопски регистарски таблички управуван од Б.М.(46) од Скопје. Во несреќата возачот на „Фордот“ и неговите тројца сопатници се здобиле со повреди и по укажаната помош во Тетовската болница биле пуштени дома освен сопатничката Н.Р.(41) која била задржана за натамошно набљудување и лекување. Според првичните информации од увидот, причина за сообраќајката е недржење своја страна на коловозната лента, додека материјалната штета изнесува околу 50 илјади денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.