Девет лица загинаа во снежно невреме во САД

Најмалку девет лица загинаа во САД поради силната снежна бура која го погоди поголемиот дел од источното крајбрежје, а се очекува таа да трае до утре изутрина. Официјални претставници предупредуваат дека најлошото допрва се очекува.

Бурата од вчера беснее над јужните и источните делови на САД, загрозувајќи 85 милиони луѓе, поради што 10 држави прогласија вонредна состојба.

Шест од жртвите се во Северна Каролина, двајца во Вирџинија и еден во Кентаки.

Речиси 133.000 граѓани во југоисточниот дел на САД останале без електрична енергија, а вчера и денеска се откажани 8.835 авионски летови.

Директорот на метеоролошката служба Луис Учелини изјави дека снежните врнежи, за кои се очекува да траат до утре, лесно можат да предизвикаат штета во износ од една милијарда долари и да ја парализираат источната третина од земјата.