Девет месеци ќе трае реконструкцијата на Милениумскиот крст

Проектот за реконструкција и адаптација на објектот Милениумски крст започнува денеска и се очекува за девет месеци целосно да биде завршен. Милениумскиот крст денеска го посетија министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈСП Скопје, Мишо Николов.

Со проектот за реконструкција на Милениумскиот крст ќе се извршат следните градежни работи: антикорозивна заштита на челичната конструкција, поставување електрични инсталации, демонтажа на постојниот лифт на постојниот лифт во Милениумскиот крст и изградба на нов панорамски лифт со придружни простории и елементи, изградба на фекална канализација и санитарни јазли и регулација на водоснабдувањето до Милениумскиот крст.

Министерот Јанакиески истакна дека финансирањето на овој проект ќе биде извршено од страна на Владата на Република Македонија во соработка со Град Скопје и јавните претпријатија.

„Во нашата програма до 2018 година ќе биде изграден и вториот дел од жичарницата и во 2018 година очекуваме жичарницата од Скопје до Милениумскиот крст да биде ставена во функција“, истакна Јанакиески.

Градоначалникот Коце Трајановски истакна дека ова е многу значајна инвестиција за градот Скопје, бидејќи ова е еден од позначајните објекти во Скопје и така како што беше граѓаните не можеа да ги почувствуваат придобивките од самиот објект. Тој истакна дека со реконструкцијата очекува дека ќе има повеќе посетители и туристи. За реконструкцијата и адаптацијата на Милениумскиот крст на Водно ќе се вложат околу 70 милиони денари.

Додека траат градежните работи за реконструкција, просторот околу крстот ќе се огради, а жичарницата на врвот на Водно ќе работи непречено. Со реконструкција на Милениумскиот крст, овој простор ќе биде целосно уреден и ќе понуди различни содржини за одмор и рекреација на посетителите.