Девет нови амандмани на резолуцијата за Македонија во ЕП

Европскиот парламент доцна вечерва на пленарна сесија во Стразбур ќе расправа за резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2014 година, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Дебатата за резолуцијата за Македонија ќе се води доцна вечерва заедно со таа за Србија, Црна Гора и Косово. Додека за неа ќе се гласа утре напладне.

Содржината на  резолуцијата подготвена од известувачот за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл (либерална група) е позната. Европскиот парламент утре по гласањето уште еднаш, по деветти пат, ќе побара од Советот на Европската унија  да донесе одлука за почеток на преговорите за членство со Македонија.

Ова е главната порака во Нацрт-резолуција, во која јасно се вели дека Советот на ЕУ, поради нерешениот проблем со Грција околу името, ја спречува земјата да напредне во процесот на членство. Пратениците сметаат дека проблемот со името не треба да го спречува отворањето на преговорите, туку да биде решен пред крајот на преговорите за членство и влегувањето на Македонија во ЕУ. Грција, пак, се повикува да го потврди нејзиното ангажирање со агендата од Солун од 2003.

Тие повторно советуваат историјата да се толкува според фактите, а не според идеологијата и се советува создавање на заеднички експертски комисии со соседните земји, посветени на историјата и образованието.

Европратениците сметаат дека во најновиот извештај за Македонија беа акцентирани растечките фрустрации на македонското јавно мислење поради ќорсокакот во кој се наоѓа евроинтеграцијата на земјата и ризиците кои произлегуваат од тоа за тензии во земјата. Ова може да тежи на регионалната стабилност, но и да ја намали кредибилноста на Унијата и да се заврши со назадување на демократските норми на земјата.

Во тој контекст не е изоставена актуелната ситуација во земјата,  ЕП е „серизоно“ загрижен за поларизираната домашна клима и смета дека е во надлежност како на Владата, така и на опозицијата да се грижат за трајна политичка соработка.

Со рекордниот број амандмани на комисиската дебата, од која произлезе прочистениот текст на нацрт-резолуцијата на Иво Вајгл, за утрешното гласање се поднесени девет нови амандмани.

Едниот е предложен од известувачот кој се однесува на усогласувањето на македонското законодавство со тоа на ЕУ, како и подбрувањето на правосудниот систем. Четири се предложени од  грчките европратреници од редовите на владеачката Сириза Софиа Сакорафа, Костас Крисогнос, Неоклис Силииотис и Такис Хаџигергиу поддржани од Шпанецот Хавиер Кусо Пермуи. Амандманите се однесуваат на добрососедските односи, така тие ја бранат истата позиција како и нивните претходници од десницата, инсистирајќи на почеток на преговорите само откако ќе бидат решени билатералните недоразбирања.

Грчките леви радикали бараат и бришење на делот од резолуцијата кој бара од земјите на ЕУ кои се членки на  НАТО да го поддржат активно зачленувањето на нашата земја во НАТО.

Тамаш Мешсчерич од групата на Зелените, бара на пример да се повлече проектот за изградба на браната на Маврово или пак инсистирањето на Зелените, кое го повторуваат со години дека ако се дојде до компромисно сложено име за земјава, тогаш од тоа да не бидат погодени македонската нација, идентитет, јазик и култура.

Мешсчерич инсистира и на тоа да се внесе во резолуцијата дека беше погрешно што Јункер јавно кажа дека нема да има проширување на ЕУ во наредните пет години, што според него  е опасен преседан и може да се одрази негативно на мобилизараноста на земјите од регионот за да ги спроведуваат потребните реформи, како и да се ослаби перцепцијата што регионот ја има за ЕУ. Групата на Зелените инсистира во резолуцијата да бидат појасно ставени проблемите на релација Влада-опозиција.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.