Девет сообраќајки во изминативе 24 часа

Во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно девет сообраќајни незгоди.

Од нив, седум се со последица материјална штета и една е со последица телесни повреди во која со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило и двајца сопатници.

Се случила и една незгода со последица тешка телесна повреда во која со тешки телесни повреди се здобил еден возач на патничко моторно возило, а со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило и двајца сопатници.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 35 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење. Пет возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај и пет возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 71 возило кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе продолжи со вториот циклус едукативни предавања во средните училишта на тема „Влијанието на алкохолот, дрогата и психотропните супстанции врз безбедноста на патниот сообраќај“ со учениците од прва и втора година.

Денеска со почеток во 12 часот група граѓани ќе организираат мирен протестен марш во врска со случајот Тамара Димовска. Маршот ќе започне пред ФЗОМ од каде учесниците ќе се упатат преку бул. „Кочо Рацин“ по ул. „11 Октомври“ и ул. „Димитрија Чупоски“ и по ул. „Македонија“ кон Музејот на Град Скопје, продолжува по ул. „Св. Кирил и Методиј“ по бул. „Македонија“, и по улица „50 дивизија“ се до зградата на Министерството за здравство.

Во 17 часот и 30 минути во СЦ „Борис Трајковски“ во рамките на СЕХА лигата ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар помеѓу Металург и Загреб, Хрватска. Со цел непречено и безбедно одвивање на овие вонредни настани од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.