Деветмина конзервативци во трка за наследник на Дејвид Камерон

Деветмина актуелни министри и функционери на британската Конзервативна партија најавија дека ќе се вклучат во изборната трка за наследник на актуелниот партиски лидер и премиер Дејвид Камерон, кој поднесе оставка пред шест дена, пренесува МИА.

Во трката за нов партиски лидер кој автоматски ќе биде и иден премиер на Велика Британија, засега се споменуваат имињата на поранешениот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, на министер за правда Мајкл Гоув, кој заедно со Џонсон беше предводник на кампањата за Брегзит, на министрите за внатрешни работи Тереза Меј, за труд и пензии Стивен Краб, за  бизнис Саџид Џавид, за образование Ники Морган и за здравство Џереми Хант, како и пратениците Џон Барон и Лијам Фокс.

Засега само двајца, Краб и Меј јавно ги обзнанија своите намери за учество во изборната трка, додека денеска се очекува тоа да го стори и Џонсон.

Како најсигурен кандидат за наследник на Камерон до референдумот од минатиот четврток, фигурираше министерот за финансии Џорџ Озборн, кој важи за еден од најблиските сојузници на актуелниот премиер, но тој изјави дека нема намера да влезе во трка со другите претенденти, затоа што не верува дека може да ја обедини длабоко поделата парија на тоеиевците, откако водееше кампања против Брегзит.

Во истата позиција се и Џонсон и Гоув, како лидери на кампањата за напуштање на ЕУ, околу што се пооделија Владата и партијата и за што се уште не се надминати разликите, но приврзаниците на некогаш популарниот градоначалник сметаат дека тој, сепак, треба да се кандидира, затоа што се верува дека „само тој би можел да ја обедени партијата“ и да стекне доверба кај гласачите.

За разлика од Краб и Меј, кои зборуваат за неопходноста од обединување на конзервативците околу новиот лидер, Џонсон се подготвува да понуди „оптимистичка визија за Британија ослободена од ЕУ“, не истакнувајќи ја премногу поделбата во партијата.

Највозрасна меѓу сите претенденти е Тереза Меј (60), додека најмлад е Краб (43). Најголемиот дел од нив и припаѓаат на партиската десница, блиски до „тачеризмот“ и се лојални на евроскептицзмот, својствен за конзервативците, освен министерката Морган, која и припаѓа на партиската левица.

Џонсон, Гоув, Краб, Џавид и Барон беа дел од кампањата за Брегзит, додека Меј, Хант и Морган му останаа лојални на премиерот Камерон и останувањето на Велика Британија во ЕУ.

Лијам Фокс (49), кој две години беше министер за одбрана во првата влада на Камерон во есента 2005 година, учествуваше во тогашната трка за лидер на ториевците и беше поразен од премиерот на заминување.

Изборот на нов лидер ќе се изврши на почетокот од октомври, во текот на есенската конференција на партијата. Сите претенденти ќе станат формални кандидати, откако ќе ја задоволат потребната процедура што ја бара Статутот на партијата.