Деветмина уапсени во Атина за трговија со бебиња

Грчката полиција уапси девет лица под сомневање за продажба на новороденчиња на парови кои не можеле да имаат деца. Апсењето следеше по тајната операција на двајца полицајци кои се преправале дека се двојка која сака да купи бебе.

Полицијата во петокот отишла во станот во поширока област на Атина, каде што прикриените агенти дошле да го купат бебето. Грчката полиција вели дека осомничените имале намера да продадат бебе старо само четири дена за 18.000 евра.

Мајката на ова бебе е еден од четрите уапсени Бугарки, објави АП.

Полицијата вели дека уште една жена е бремена, а останатите неодамна се породени.