Деветто извлекување на „Фискална во рака – награда без мака“

Во понеделник ќе се одржи деветтото извлекување од наградната игра „Фискална во рака, награда без мака“. Директен пренос од извлекувањето на добитниците ќе има на МТВ1.

Во ова коло на наградната игра се извлекува за еден автомобил, 30 вредносни ваучери од 3.000 до 60.000 денари и 120 вредносни ваучери за прехранбени продукти во вредност од по 1.000 денари.

Во извлекувањето учествуваат сите коверти испратени за деветото коло со сметки кои се валидни од најран датум 15.11.2013 година.

Добитниците на вредносните ваучери по различни категории, своите награди ќе ги подигнат од благајната на приредувачот. Ваучерите во вредност од 1.000 до 5.000 денари за добитниците од другите градови освен Скопје, ќе бидат доставени на адреса на добитникот со препорачана пошта, додека за подигање на ваучерите во вредност од над 5.000 денари добитниците треба да дојдат во благајната на Државна лотарија на Македонија, во рок не подолг од 60 дена од објавата на извештајот со добитници од наградната игра.

Имињата на добитниците, во рок од три дена по секое извлекување, се  објавуваат во дневниот печат и на веб страната на Државна лотарија на Македонија. По добивање на вредносните ваучери, добитниците имаат можност согласно категоријата на производи, да се обратат на кое било продажно место на соработниците, наведени на самиот ваучер, каде во соодветната категорија на производи може да изберат еден или повеќе производи до соодветната вредност, со дополнително намалена вредност од малопродажната (наведен процент на попуст на ваучерот), со што се остава слобода на изборот согласно потребата на добитникот, се вели во соопштението на Државната лотарија на Македонија.