Македонија,Економија

Девизните резерви пораснаа за 7,9 милиони евра

Девизните резерви пораснаа за 7,9 милиони евра

Девизните резерви на крајот на февруари забележаа пораст од седум милиони и 100 илјади евра во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на Народната банка на Македонија.

На крајот на најкраткиот месец во годината, вкупните девизни резерви беа на ниво од една милијарда 987 милиони и 50 илјади евра, што е пораст во однос на претходниот месец кога истите беа една милијарда 979 милиони и 140 илјади евра.

Во вкупниот волумен на девизните резерви, во текот на февруари, најмногу зафаќаат хартиите од вредност со една милијарда 631 милион и 940 илјади евра. Пораст е забележан кај монетарното злато кое што на крајот на февруари беше 212 милиони и 150 илјади евра, што е за 11,7 милиони евра повеќе во однос на крајот на јануар.

Валутите и депозитите на крајот на февруари изнесуваа 139 милиони 110 илјади евра, што е намалување во однос на претходниот месец кога беа 141 милион 850 илјади евра.

Девизните средства се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за директно финансирање на нерамнотежата во платниот биланс и индиректно регулирање на таквата нерамнотежа преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс.

Девизните резерви, како средства со кои располагаат и се контролирани од страна на монетарните власти, се состојат од: монетарно злато, специјални права на влечење, резервна позиција кај ММФ и девизи.