Џихадистите масовно дезертираат од Исламска држава

Припадниците на таканаречената Исламска државана масовно дезертираат затоа што ветените луксузни предмети и автомобили никогаш не им биле доставени, пренесува Индепендент.

Во студијата со наслов: „Жртви, сторители, добра: Приказни на дезертерите на Исламска држава“ согледани се причините зошто некогашните ентузијастични членови на ИД почнале да ја напуштаат терористичката група. Издавач на студијата е Меѓународниот центар за проучување на радикализацијата и политичкото насилство (ИЦСР), а таа организација со седиште во Лондон смета дека откритијата презентирани во оваа студија се значајни во смисла на борба против понатамошниот раст на ИД.

ИЦСР идентификувал четири главни наративи во приказните на 58 лица кои дезертирале од Исламска држава, а кои и се приклучиле на терористичката организација од 17 различни држави.

Грубата и разочарувачка стварност на животот во ИД

Студијата вели дека поголемиот дел од оние што се приклучиле кон ИД, тоа го направиле од себични причини. Барале животен луксуз, што им бил ветен од страна на пропагандата на ИД. Другите дневните задачи што морале да ги извршуваат ги нарекувале здодевни и се жалеле дека многу малку се бореле.

Бруталноста на ИД не е за секого

Многу од оние што ја напуштиле ИД, според студијата, го направиле тоа затоа што не ја одобрувале бруталноста со која терористите се пресметувале со невините цивили и затвореници. На другите им пречела бруталноста што членовите на организацијата ја применувале додека ги разрешувале внатрешните конфликти, посебно кога се постапувало насилно со Сунитите.

Против кого воопшто се бори ИД?

Една од постојаните критики на оние што на крај ја напуштиле оваа терористичка организација била насочена на одлуките за тоа против кого треба да се борат. На многумина им пречеле пресметките и прекумерната борба против другите Сунити, а не против војската на Асад. Конфликтите во рамки на организацијата исто така предизвикале намалување на борбените редови, затоа што на некои борци во голема мера им пречела постојаната опседнатост за пронаоѓање шпиони и издајници во ИД.

Корупција

Уште една од главните причини за напуштање на терористичката организација, што ја навеле оние што дезертирале од Исламска држава, е корупцијата. Ова на своја кожа најмногу го почувствувале Сиријците што излегле од ИД. Тие се жалеле на привилегиите што ги уживале борците од странските земји, додека некои истакнувале дека непосредниот расизам во организацијата е многу раширен. Тука се наведува примерот за еден индиски член на ИД, кој поради бојата на кожата бил осуден да ги чисти санитариите.

Заклучокот на студијата се сведува дека животот во ИД по пат на медиумска пропаганда е прикажан како „гламурозен и возбудлив“ додека реалноста на животот во оваа терористичка организација е сосема поинаква.

ИЦСР се надева дека ваквите приказни ќе придонесат за обесхрабрување на младите луѓе да се придружуваат на ИД.