Ди Мајо: Нема ризик од напад на шпекулантите врз италијанските пазари како во Турција

Потпретседателот на италијанската влада Луиџи Ди Мајо го отповика во понеделникот предупредувањето за можен напад на берзанските шпекуланти на италијанскиот финансиски пазар, во коешто функционер во кабинетот на премиерот повика на актуелните проблеми во Турција.

„Не гледам конретен ризик од напад врз оваа влада. Попрво би можело да се каже дека станува збор за пусти надевања на опозицијата“, вели Луиџи Ди Мајо, во интервјуто за миланскиот дневен весник Corriere della Sera.

Доколку некој сака да ги употреби пазарите за да ја нападне владата, мора да знае дека тоа не може да не’ заплаши, порачува вицепремиерот Ди Мајо, кој е челник на владејачкото антиестаблишмент и евроскептично Движење пет ѕвезди.

Џанкарло Џоргети, потсекретар во кабинетот на премиерот Џузепе Конте, и еден од водачите на екстремно десната евроскептична и антидоселеничка партија Лига, исто така, член на владејачката коалиција, изјави во неделата за весникот Libero дека се очекува оти шпекулантите ќе го нападнат италијанскиот финансиски пазар во текот на август, истакнувајќи воедно дека земјата ги има потребните ресурси за одбрана.

„Пазарите се дом на гладните шпекулативни фондови кои го одбираат својот плен и напаѓаат… Преку летото обемот на тргување е мал, што овозможува подготовка на теренот за агресивни иницијативи против поедини земји. Погледнете ја само Турција“, го појасни своето предупредување Џоргети.

„Доколку дојде до (пазарна) бура, ќе го отвориме чадорот. Италија е голема земја и има ресурси, па може да реагира, делумно и благодарејќи на големите заштеди на граѓаните“, изјави за Libero.

Италијанскиот министер за надворешни работи Енцо Моаверо Миланеси, пак, истакна во своето саботно интервју за весникот Il Foglio дека колапсот на турската лира покажува колку е важно членството на Италија во еврозоната, што беше проблематизирано и од двете владејачки партии.

„Оние коишто се’ уште имаат дилема дали валута како што е еврото е добра работа или не, би требало внимателно да ги разгледаат актуелните случувања во Турција“, истакна министерот Миланеси.

Турската лира силно ослеби во однос на доларот изминатите денови поради тензиите во дипломатските односи со САД, откако американскиот претседател со подигнување на царините за турскиот алуминиум и челик за 20 односно 50 отсто преку социјалните мрежи всушност најави економска војна. Анкара на тоа одговори дека со своите најголеми трговски партнери ќе мине во плаќања во националните валути, наместо како досега со доларот.

Пред италијанските парламентарни избори во март годинава Лига бараше излегување на Италија од еврозоната, за по склучувањето на сојузот со Движењето пет ѕвезди, коешто исто така се залагаше за оваа опција, да ги повлече ваквите планови. Во прв ред тоа се однесуваше на тоа што под притисокот од Брисел претседателот Серџо Матарела одбиваше да го даде мандатот за состав на владата во која главните финансиски ресори, вклучително и министерската должност им припаѓаа на економски експерти кои поттикнуваа излегување од еврозоната.

Истакнувајќи ги длабоките поделби во владејачката коалиција околу оваа тема, главниот економист на Лига, Калудио Борги, претседател на парламентарната комисија за буџет, изјави во неделата дека министерот за надворешни работи не разбира за што зборува.

„Би требало да бидеме загрижени во поглед на еврото, а не да ја славиме неговата претпоставена стабилност“, изјави Борги за дневниот весник La Verita, предупредувајќи дека планот на Европската централна банка (ECB) за постепеното заклучување на тригодишната програма за поттикнување може да се покаже многу штетно за Италија.

„Или ќе биде воведена нова (пазарна) гаранција или мораме да се подготвиме за Планот Б. Веќе забележуваме вишок во трговскиот биланс, Кога ќе имаме своја валута, тој ќе биде уште поголем“, додава Борги.

Италијанските акции ослабеа изминатите седмици поради загриженоста на вложувачите дека владејачката коалиција на Движењето пет ѕвезди и Лига би можела да ги пренебрегне европските фискални прописи и да го зголеми јавниот долг, најголем во еврозоната по оној на Грција.

Весникот La Repubblica пишува дека минатата седмица владата планирала за следната година буџетски дефицит на 1,7 отсто од бруто домашниот производ (БДП), што е под горната граница утврдена со европските прописи, но и двојно повеќе од моментално зацртаните 0,8 проценти.

Ди Мајо во понеделничкото интервју истакнува дека владата ќе ги спроведе сите неопходни реформи, со максимално почитување на рамнотежата на државните сметки“, и дека нема потреба за пробивање на европскиот плафон од 3 отсто.

„Ќе ја убедиме ЕУ да ни дозвили да ги спроведеме реформите кои ќе го намалат долгот и че ја поттикнат внатрешната побарувачка“, вели Ди Мајо, кој воедно е и министер за индустрија и труд.