Ди Мариа ја расплаче цела Швајцарија

Репрезентацијата на Аргентина обезбеди пласман во 1/4 финалната рунда на Мундијалот во Бразил откако со среќниот погодок на Анхел ди Мариа, постигнат во 117 минута, забележа минимална, но злато вредна победа во дуелот против одличната селекција на Швајцарија.

За противник во следната елиминациска рунда, избраниците на Алехандро Сабела, го добија незгодниот тим на Белгија, а тој натпревар ќе биде одигран на 5 јули во Бразилија со почеток во 18:00 часот.

Голем удел во минималниот триумф има и Лионел Меси кој во вистинскиот момент му асистираше на Анхел ди Мариа кој во манир на вистински голгетер ја погоди противничката мрежа.

“Швајцарија за нијанса беше подобар противник во првото полувреме, но за среќа, противникот не искористи две чисти шанси. Во продолжението ние го покажавме нашето вистинско лице и заслужено обезбедивме пласман во следната рунда. Искрено, сакав да ги избегнеме ударите од белата точка. Сега мора убаво да се одмориме, да ги наполниме батериите. Не очекува голема борба во 1/4 финалната рунда. Дадовме се од себе и со право сме наградени со минимална победа”, изјави по натпреварот селекторот на Ааргентина, Алехандро Сабела.