Диандре Ејтон во „Феникс“ како прв пик на драфтот, Дончиќ во „Далас“

Тимот од Аризона, „Феникс Санс“ го избра центарот Диандре Ејтон од Бахами, член на Универзитетот Аризона како прв пик на НБА драфтот, што значи дека Бахамецот професионална кариера ќе ја почне на „домашен терен“, откако својата единствена година на колеџ ја помина во Аризона.

Најдобриот европски играч, Словенецот Лука Дончиќ беше избран како трет пик на драфтот од „Атланта Хоукс“, иако многумина очекуваа дека „Феникс“ ќе го одберат, бидејќи новиот тренер на „Санси“, Србинот Игор Кокошков му беше тренер во словенечката репрезентација.

Дончиќ, пак веднаш беше разменет со „Далас“, од каде во Атланта го испратија плејмејкерот Треј Јанг и им го отстапија местото да бираат во првата рунда на драфтот следната година.

Вториот пик на драфтот, Марвин Бегли од Универзитетот „Дјук“ ќе биде член на „Сакраменто Кингс“.