Дибала го засилува нападот на Јувентус

Талентираниот аргентински напаѓач Пауло Дибала веќе може да се смета за фудбалер на Јувентус, тврди денешното издание на Тутоспорт, весник кој е мошне близок на торинскиот клуб.

Според него, Палермо и Јувентус договориле најголем дел од деталите за трансферот и голгетерот на тимот од Сицилија ќе се пресели во Торино за сума од 30 милиони евра. Дибала веќе ги договорил личните услови и ќе се обврзе на петгодишна верност. Со оглед на тоа што братот на фудбалерот и неговиот агент Пјерпаоло Трилуци веќе летаат од Аргентина за Италија, можно е трансферот да се официјализира уште денеска.

Сепак, истата најверојатно ќе биде потврдена в четврток, веднаш по реванш дуелот од полуфиналето на Лигата на шампионите меѓу Јувентус и Реал. Може само да се замисли колкаво ќе биде задоволството ако торинскиот клуб по 12 години обезбеди пласман во големото финале.