Дибиров: Шампионите мора секогаш да победуваат

Пред првиот натпревар на домашен терен во новата сезона од СЕХА лигата, и веднаш дерби пресметката со Металург која се игра во сабота од 20:15 часот во СРЦ „Кале“, рускиот интернационалец во редовите на Вардар, Тимур Дибиров нагласува дека „црвено-црните“ имаат обврска пред себе да ја одбранат минатогодишната титула како нескриена амбиција на тимот.

“СЕХА ГСС лигата не е само Вардар, Металург, Татран, Веспрем или Загреб. Има доста квалитетни екипи, мислам дека од сегашниот состав на лигата, дури 6-7 екипи можат да стигнат до Ф4 турнирот. Сите екипи се засилија, направија чекор понапред од лани во однос на квалитет, игра, организација. Со влегувањето на Веспрем, лигата стана уште поквалитетна, и задачата да се победи на натпреварите ќе биде тешка. Не, значи само дека Веспрем е силен. Напротив верувам дека сите екипи ќе го покажат квалитетот. Сега е потешко да се одбрани титулата, и на сите мечеви Вардар ќе биде фаворит, не бидејќи е шампион, туку бидејќи има должност, со вакви играчи да победува постојано“ – вели Дибиров за официјалната интернет страница на клубот, притоа дополнувајќи:

„На секој меч ќе играме подобро, зашто подготовките поминаа, сега повеќе работиме на тактички план, повеќе со топка, и ќе бидеме подобри. На турнирите не не интересираа резултатите, а сега со дуелот со Металург треба да почне вистинскиот дел на сезоната“.

На денешната прес-конференција пред саботниот натпревар и шпанскиот стратег на клупата на Вардар, Раул Гонзалез потенцираше дека тимот оди на победа на дуелот во „Кале“ носен од целта и оваа сезона да се стигне до Ф4 турнирот.

“Ние сме шампиони во ова натпреварување и имаме обврска да бидеме тим што на секој натпревар ќе оди на победа. Затоа на домашен терен мораме да го совладаме Металург.Оваа сезона подготовките ги започнавме покасно но формата е во нагорна линија, а тоа треба да го докажаме на саботниот натпревар. Целта и оваа сезона е да бидеме дел од Ф4 турнирот. Овие натпревари се одлична можност за воигрување на екипата и подобрување на нашата игра” – истакна Гонзалез.