Диџејот Авичи ќе биде погребан во кругот на најблиските

Шведскиот диџеј Авичи кој минатиот месец беше пронајден мртов во Оман во 28-та година од животот, ќе биде погребан во најтесниот круг на семејството и пријателите, соопшти во вторникот неговиот агент.

Авичи, чиешто вистинско име беше Тим Берглинг, беше еден од најпопуларните во светот на електронската денс музика.

„Семејството Берглинг потврди дека закопот ќе се одржи во присуство на најблиските личности“, вели во кусото соопштение неговата шведска менаџерка Еба Лундквист.

Причината за смртта не се открива, но од соопштението коешто во април го објави неговото семејство може да се заклучи дека си го одзел животот, откако долго барал одговори на прашањето за смислата на животот, среќата и „така не можеше повеќе“.

Авичи, кој се прослави со светските хитови „Wake Me Up“ и „Hey Brother“, објави во 2016 годна дека повеќе нема да настапува поради здравствени причини. Но продолжи да компонира и во април годинава беше номиниран за престижната награда на списанието Bilboard.

Веста за неговата смрт го изненади неговите обожаватели, во прв ред во Европа каде што со години настапуваше на фестивали и во клубови пред да се повлече од сцената.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.