Диего Коста ќе настапи на СП 2014

Винсенте дел Боске, селекторот на актуелниот светски и европски шампион, репрезентацијата на Шпанија, потврди дека се поголеми и поголеми се шансите, напаѓачот на Атлетико (М), Диего Коста, на време да се рехабилитира од последната повреда и да настапи на престојниот Мундијал во Бразил.

Новопечениот репрезентативец на Шпанија заработи нова повреда на старот од финалниот натпревар од годинашното издание на Лигата на шампиони, а лекарските прегледи покажаа дека станува збор за не толку сериозно истегнување на бутниот мускул.

“Како да ја дефинирам моменталната ситуација околу здравствената состојба на Диего Коста? Можам да ја дефинирам како ветувачка. Денеска ќе има нов лекарски преглед, повторно ќе ја скенираме повредената нога, повредениот мускул. Ако е се во ред, тогаш конечната одлука околу неговиот настап на престојниот Мундијал ќе биде донесена во сабота”, изјави предводникот на “црвената фурија”.