Дигестивна хирургија ќе работи само за итни случаи следниве два дена

Клиниката за дигестивна хирургија поради смирување на состојбата следниве два дена ќе работи само за итни случаи, информира денес министерот за здравство, Никола Тодоров.

Одлуката е во четврток и петок да не работат, односно да работат само за итни случаи, а се што е елективна хирургија и амбуланта да пренасочиме кон други две установи, стара Градска болница и кон „8-ми Септември“.  Се случи многу сериозен криминален чин и со право докторите се револтирани и реагираат. Ние сме во комуникација со нив. Но, тоа што е најважно за нас е да се смири состојбата тука, да се создадат услови за нормално функционирање, а од друга страна ниту еден пациент да не трпи поради тоа, вели Тодоров.

Министерот за здравство додава дека иако вчера имало операции на Клиниката и се работело, сепак заеднички е одлучено дека потребно е време за смирување и стабилизирање на ситуација.

Докторите се луѓе кои имаат чувства и се нашле во една сериозна ситуација, голем број од нив биле сведоци на овој криминален, нецивилизиран и примитивен чин и нормално е тоа да има негативно влијание врз нив, посочува министерот Тодоров.

Тој додаде дека ќе биде одржан уште еден состанок, а се разговарало и за организациски планови, обезбедување, како и евентуално активирање на камери.