Дигестивната клиника бара расветлување на нападот на нивниот колега

Лекарскиот колегиум на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија изрази шокираност и огромна разочараност од грозоморниот чин што се случи денеска во утринските часови кога со огнено оружје на работното место беше нападнат лекар од клиниката. Побара надлежните итно да го расветлат случајот и да се создадат услови за безбедна работа на хирурзите.

Среќна околност во целата несреќа е што не е смртно повреден, а биле испукани повеќе куршуми од кои три завршиле во телото на колегата, наведуваат лекарите од оваа Клиника.

Дежурниот хирург, како што стои во соопштението од Клиниката за дигестивна хирургија, примил пациентка на 57 – годишна возраст, како итен случај со комлициран карцином на жолчното ќесе и со создавање на гноен процес во жолчното ќесе.

По соодветната подготовка пациентката била оперирана.

– Пациентката била претходно доиследена од страна на гастроентерохепатолог и кардиолог. Констатирано е дека се работи за пациентка со мноштво жлезди во абдоминалната шуплина, градната шуплина и вратот, а воедно и со тешка срцева слабост и течност во белите дробови и перикардот. Кај пациентката било констатирано и оштетување на бубрезите од втор степен. Со оглед дека се работи за гнојно воспалено жолчно ќесе во ваквите случаи постои опасност од негово прскање. Во таа насока дежурниот хирург, односно настраданиот колега, професионално и стручно согласно медицината базирана на докази и медицинските протоколи ги има преземено сите потребни мерки и укажал навремена и соодветна здравствена заштита на  пациентката, се наведува во соопштението од Клиниката.

Универзитетска клиника за дигестивна хирургија, како дел од терциерното здравство, како што се посочува, секојдневно се соочува и лекува исклучително комплицирани случаи како овој со бројни пропратни заболувања кои и покрај сите напори и укажана здравствена заштита понекогаш завршуваат со смртен исход.

– Тоа никако не значи дека треба да се соочуваме со вакви брутални случувања. Бараме од надлежните институции под итно да ги расветлат околностите под кои е тешко повреден нашиот колега на своето работно место со цел сторителите да ја добијат заслужената казна, а исто така да се создадат итни услови за безбедна работа на хирурзите за да можеме непречено да продолжиме со работа, се вели во соопштението од Клиниката.