Дијалог и размена на идеи за успешна трансформација на високото образование

Претседателот Ѓорге Иванов денеска, по нивно барање, прими претставници на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“.

На средбата Иванов и претставниците на иницијативата разменија мислења околу севкупните состојби во високото образование во Република Македонија и се согласија за неопходноста од спроведување реформи, како и за потребата од квалитетно високо образование.

Претставниците на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“ ги образложија своите видувања во врска со предложените законски измени во областа на високото образование и потребата од подигнување на квалитетот на високото образование во земјата, во интерес на студентите, професорите и во интерес на развојот на Република Македонија.

Претседателот Иванов уште еднаш изрази загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница и изрази жалење што беше одбиена иницијативата за одржување заедничка средба денеска на претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“.

Македонскиот претседател го повтори ставот дека дијалогот, размената на идеи и иницијативи е единствениот начин што може да доведе до успешна трансформација на високото образование.