Дијаспората поштедлива во испраќањето пари

Затајуваат ли иселениците со праќањето пари во земјава? Последните податоци на Народна банка на Македонија зборуваат дека за првите десет месеци од минатата година во државава влегле за 68 милиони евра помалку иселенички пари во споредба со истиот период во 2012 година, пишува „Утрински“.

Односно, од јануари до октомври лани во Македонија влегле 1,276 милијарди евра од дијаспората, додека, пак, во 2012 година таа сума изнесувала 1,344 милијарди евра.

Инаку, треба да се има предвид дека во овие износи, покрај парите на нашите печалбари, кои тие ги праќаат преку банките или ги трошат кога ќе дојдат на посета, влегуваат и сите други девизи кои биле разменети преку менувачниците во земјава. Значи, тука се вбројуваат и девизи кои нашите граѓани ги претворале во денари и потоа ги трошеле за егзистенцијални потреби, потоа средства кои, на пример, граѓаните од Грција ги трошат во нашите погранични региони, а дел од парите е можно да влегле и преку сиви канали. Затоа некои од аналитичарите препорачаа дека треба да се направат детални анализи за да се утврди колку пари стигнуваат од иселениците, колку од странците, а колку отпаѓа на менување девизи од нашите граѓани во менувачниците.

Според податоците на НБРМ, преку трансфери во октомври лани во земјава влегле 136 милиони евра, или многу послабо од претходните месеци, на пример во јули кога имало дури 169 милиони, август со 158 и септември со 141 милиони евра.

Засега како најдобра на планот на трансферите важи 2012 година, кога на контото на земјава пристигнаа 1,63 милијарди евра. Или, за да се достигне 2012, во последните два месеци од минатата година треба да бидат „измерени“ трансфери од 492 милиони евра, што е тешко достижна сума за тој период.

Во 2011, пак, сумата на примени девизи изнесуваше 1,48 милијарди.

Експертите, како што пишува „Утрински“, од поодамна укажуваат дека парите од иселениците се значајна поткрепа на домашната економија, бидејќи преку нив се пегла дефицитот на тековната сметка. Затоа и предупредуваат дека земјава треба да биде подготвена за сценарио во случај овие трансфери значајно да се намалат.

Но, колку и да се снижуваат дознаките, тие се значајно повисоки од нивото на странски инвестиции во земјава.

Според некои истражувања, вкупниот износ пари кои иселениците од целиот свет им ги испраќаат на своите семејства во нивната татковина, во 2012 изнесувал речиси 389 милијарди евра. Оваа сума е поголема од вредноста на економиите на Иран или на Аргентина, на пример.

Една од причините за овој глобален трансфер на пари е што се’ повеќе луѓе не живеат во татковината или заедно со семејствата. Во светот, според процените, има над 214 милиони емигранти. Кога сите тие би живееле во една земја, тоа би била петтата најнаселена земја во светот, по Кина, Индија, САД и Индонезија. Најмногу пари заминуваат во Индија и во Кина (над 43,9 милијарди евра во секоја земја), потоа на Филипини и Мексико (по 17,3 милијарди евра) и Нигерија (15 милијарди евра).