Дијаспората во функција на забрзан економски развој на Република Македонија

Неодамнешната расправа на Комисијата за надворешна политика при Собранието околу важноста која припадниците на дијаспората по потекло од Република Македонија ја имаат во рамките на економскиот развој на државата ме поттикна во насока на размислување, но и барање на одговор на повеќе прашања, од кои се надевам ќе произлезат барем неколку заеднички заклучоци и веројатно преземање следни чекори кои би можеле да допринесат кон понатамошно зголемување на интересот за татковината за таа исклучително важна категорија на македонски државјани и нивните потомци.

Најпрвин би требало да одговориме на прашањето, колкав е обемот на девизните дознаки од нашата дијаспора и дали тој има позитивно влијание врз тековните економско финансиски состојби во државата? Одговорот на ова прашање е прилично едноставен и се базира на статистички податоци, кои покажуваат дека вкупните девизни приливи и трансфери од странство во изминатите години покажуваат тренд на постојан раст (на пример во 2009 година изнесуваа 1,092 милиони евра, за да веќе во 2012 година бидат регистрирани девизни приливи и трансфери во износ над 1,5 милијарди евра). Едноставниот заклучок гласи дека, дознаките од дијаспората од година во година се зголемуваат и истите придонесуваат за зацврстување на екстерната монетарна стабилност на денарот, зголемувањето на девизниот приход и засилувањето на економската и социјална стабилност на државата, а сето тоа потврдено преку постепеното зголемување на стандардот на живеење на големиот број на семејства и граѓани.

Следното прашање е насочено кон определувањето на мерките и активностите што државата ги има преземено, а со цел да создаде што е можно поповолни услови за поттикнување и понатамошно зголемување на вкупните девизни приливи и трансфери од странство. Во тој сегмент неопходно е да се нагласи дека измените на Изборниот законик и отворањето на можноста за гласање на дијаспората во изминатите два циклуси на парламентарни и едни претседателски избори беа дополнителен стимул за зголемување на интересот на дијаспората за државата на нивно потекло. Владата на РМ истовремено го развиваше и процесот на силна економско – инвестициска промоција, во која насока беа превземани голем број на активности за привлекување на странски директни инвестиции. Во процесот на непосредни инвестициони вложувања, во советодавна улога и со нивно непосредно вклучување во владините и невладините тимови и групи (министри во Владата, “Македонија 2025”, повеќе мешовити билатерални деловни совети итн.) беа вклучени и поголем број на видни претставници од македонската дијаспора, кои водеа до постигнување на позитивни економски резултати и зголемувањето на нивното учество во вкупните СДИ во земјата.

Најважниот одговор треба да се бара на прашањето, што е потребно да се стори во иднина, а со цел припадниците на дијаспората и потенцијални инвеститори да бидат третирани токму онака како што и заслужуваат? Во наведената насока одговорот би требало да се побара во формирање на посебен заеднички тим/група која на претставници на надлежни државни органи, МАНУ, здруженија на комори и научно истражувачки институции кој би се насочил кон изработка на опстојна и посебна стратегија за зголемување на интересот и привлекување на инвестициите од страна на дијаспората. Основната цел на наведената стратегија би требала да биде упатена во правец на создавање на потребната мрежа на контакти, зголемено и квалитетно информирање на дијаспората за економските случувања во државата, промоција на можностите за инволвирање на дијаспората во сегментот на инвестирањето, понуда на конкретни и возможни инвестициони проекти и програми за инвестирање и давање на стручна помош во процесот на креирање на мали и средни претпријатија, поттикнување за вложување во ТИРЗ-овите, слободните туристички зони и идните слободни финансиски зони.

Можеме да констатираме дека зголемувањето на нивото на инвестиции и вкупните девизни приливи и трансфери од странство влијаат поволно во насока на непречен и засилен економски развој на државата, а перспективно и кон намалувањето на бројот на вкупните иселувања од државата кои во услови на отворен и конкурентен слободен пазар на трудот и не е едноставно да се задржат.

Македонија е на добар пат не само да ја оствари својата долгорочна економско финансиска стабилност, туку и да биде пример и веродостоен показател за другите држави од регионот, дека привремениот или постојан престој во странство не е процес кој и штети на државата на испраќање, туку напротив можност за ширење на контакти со државата на прием на нашите државјани. Тоа треба да се разбере и како дополнителна фаза на понатамошно креирање на можности за персонален развој, а кој доколку е правилно насочен и соодветно поддржан од матичната држава тогаш може да донесе и сериозна општествена  и индивидуална економска корист. Формулата ќе доведе до вистинско решение само преку засилено, програмирано и взаемно дејствување на сиот креативен професионален, образовен и материјално – финансиски капацитет и преку користењето на можностите за брза, ефикасна и едноставна глобална меѓусебна комуникација на домашните фактори и на претставниците на дијаспората по потекло од Република Македонија.

Веќе постојат редица на успешни практични примери во светот кои потврдуваат дека симбиозата на заедничкиот интерес на граѓаните во рамките на една глобална општествена заедница создава претпоставки за реализација и на најтешките и невозможни задачи и овозможување на засилен политички, економски, културен и духовен развој, во чии рамки улогата на дијаспората е од непроценливо високо значење.

Авторот е докторант и соработник на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.