ДИК ги завршува дополнителните проверки на спорните гласачи

Денеска истекува рокот во кој Државната изборна комисија треба да направи дополнителни контроли или лично да контактира со спорните гласачи.

Инаку на 19-ти овој месец истече рокот во кој граѓаните што се најдоа на списокот на т.н. спорни гласачи имаа можност сами да се пријават до Комисијата.

ДИК на седница одржана на 23 август го разгледа и едногласно гo усвои Извештајот за пријавените гласачи со спорни записи.

До ДИК во рокот за пријавување од 26 јули до 19 август 2016 година пристигнале 8.922 пријави, од кои 8.901 пријава е прифатена.

Вкупно 3.620 пријави биле лично доставени до ДИК, а 5.302 се поднесени преку електронска апликација. Правната служба на ДИК одбила 21 пријава. Од нив една пријава е одбиена поради нечитлив документ, девет поради несовпаѓање на документ, девет поради неважечки личен документ и две поради некомплетен личен документ.

Согласно утврдениот Извештај на ДИК, пријава не поднеле вкупно 30.467 лица. Според писмено известување од Управата за водење матични книги од 22 август 2016 година 20 лица од списокот се починати заклучно 19 август 2016 година.

Со Законот за дополнување на Изборниот законик, ДИК беше задолжена да спроведе процес на активна регистрација на 39.502 лица за кои при спроведените административни и теренски проверки се утврдени спорни записи.

ДИК по извршени дополнителни проверки преку споредба на списокот од 39.502 лица и Избирачкиот список иззема 113 лица за кои е утврдено дека шест се починати, 51 лице е на привремена работа или престој во странство, 54 го изгубиле избирачкото право по различни основи и две лица поднеле барање за промена на податоци во Избирачкиот список. Можност за пријавување имаа вкупно 39.389 лица.

Граѓаните кои не се пријавиле во законскиот рок од 25 дена согласно законот ќе имаат дополнителна можност да се пријават до ДИК во текот на јавниот увид пред предвремените избори за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.