ДИК го усвои финансискиот план за изборите на 5-ти јуни

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница го усвои финансискиот план за распределба на средства за предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни.

Врз основа на овој план, како што соопшти членот на ДИК Субхи Јакупи, вкупниот буџет за изборите изнесува 456 милиони и 664 илјади денари, додека само за печатење на избирачките ливчиња и друг печатен материјал се планирани 40 милиони денари.

На предлог на Силвана Бонева беше прифатено на седницата да не се расправа за Извештајот за прогресот од проверките за ажурирње на Избирачкиот список. Таа побара ИТ експертите во Извештајот да ги внесат сите измени врз основа на добиените податоци од институциите и другите проверки, и тогаш да се расправа за него.

Јакупи, пак, предложи ДИК да побара средба со Владата, која е задолжена за спроведување на овие избори и со претставници на сите институции кои се надлежни за прашања поврзани со изборите како МВР, статистика, МИОА и други за да се надминат одредени, како што рече, проблематични точки, бидејќи работата на Комисијата е врзана со рокови.