среда, 30 ноември 2016  |  Вести денес: 25

ДИК го усвои Роковникот за изборите на 11 декември

Државната изборна комисија (ДИК) откако денеска ја доби одлуката за распишување на предвремени парламентарни избори на 11 декември, одржа седница на која беше усвоен Роковникот за извршување на изборните дејствија.

роковникот

Поврзани вести

Врз основа на овој Роковник, Избирачкиот список ќе биде ставен на увид на 28 октомври, а увидот ќе заврши на 11 ноември. Десет дена подоцна односно на 21 ноември ДИК ќе го заклучи Избирачкиот список, а на 1 декември треба да го потпише.

За време на јавниот увид, како што објасни членот на ДИК Субхи Јакупи, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.

Пријавувањето за гласање на македонски државјани кои живеат во странство може да започне веќе од утре за што ДИК веќе има изготвено посебна апликација. Оваа апликација веќе од утре треба да биде поставена на веб-страната на Државната изборна комисија. Пријавувањето и на овие граѓани ќе трае исто така до 11 ноември.

Листите на кандидати за пратеници полититичките партии и независните кандидати треба да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ, а ждрепката за редоследот според Роковникот треба да се одржи на 20 ноември. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.

Според Роковникот што го усвои ДИК, партиите до Комисијата треба да достават три финансиски извештаи и тоа на 1 декември, 10 и 26 декември.

Членовите на ДИК на денешната седница усвоија барање што ќе биде доставено до Министерството за внатрешни работи за доставување на податоци за граѓаните, согласно член 43 став 1 од Изборниот законик. – Се обраќаме до МВР да ни ги достави податоци за граѓаните со наполнети 18 години на денот на иззборите кои имаат важечка лична карта или патна исправа, со наполнети 18 години кои починале, со наполнети 18 години кои се доселиле или се отселиле од определена општина, ја промениле адресата на живеење во општината, кои го промениле името и презимето, кои стекнале или го изгубиле државјанството на Република Македонија, кои се на привремена работа или престој во странство, објасни претседателот на ДИК Александар Чичаковски.

Појасни и дека од МВР се бара исто така до ДИК да ги достават и личните фотографии кои треба да бидат или се дел од Избирачкиот список и тоа во одвоена база или со клуч – единствен матичен број на граѓаните.

Во случај на распишани избори е предвидено, како што потсети претседателот на ДИК, овие податоци МВР да ги достави до Комисијата наредниот ден од денот на распишување на изборите.

Исто така ќе биде упатено барање до Министерството за информатичко општество и администрација за доставување податоци за вработените во државната и општинската администрација, администрацијата на Градот Скопје, како и јавната администрација, а од Министерството за надворешни работи ќе бараат податоци за дипломатите вработени во соодветното дипломатско конзуларно претставништво заради избор на претседател и заменик претседател на избирачки одбори за спроведување на гласање во ДКП.

Членовите на Државната изборна комисија попладнево ги прецизираат документите што ќе бидат потребни за лицата кои живеат надвор од Република Македонија повеќе од три месеци, а не се евидентирани дека се иселени, за да можат и тие да се пријават и да гласаат на претстојните предвремени парламентарни избори.

Најчитани вести