ДИК: Исчезнатите печати ќе се заменат со нови, различни од старите

Пред почетокот на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори пописната комисија на Државната изборна комисија (ДИК) утврдила дека во депото во скопската касарна Илинден недостигаат 40 печати.

Печатите што недостигаат, според информациите од ДИК, се од избирачки места од Сопиште, Бутел, Брвеница и Липково. На прашањето дали овие печати, што ги нема во депото можат да се злоупотребат на изборите, од ДИК уверуваат дека пред избори се прави попис на изборниот материјал, кој главно е потрошен материјал, за да се провери што сѐ фали или не функционира за да се надомести.

Тоа не значи дека тие 40 печати се украдени, можеби воопшто не се вратени по претходните избори. Но, во случај кога фалат или има оштетени печати на општинските изборни комисии или на изборните единици, тие се прогласуваат за неважечки и се изработуваат нови печати кои секогаш се различни од претходните. На нив се додава некоја нова ознака, токму за да се избегне злоупотреба на старите.