ДИК ја започнува проверката на спорните гласачи во Избирачкиот список

Со последните измени и дополнувања на Изборниот законик, направени како договор меѓу претставниците на четирите политички партии, ги доуредуваат обврските на Државната изборна комисија во поглед на пречистување на Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори.

Заради организација на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат во 2016 година, граѓаните за кои не постојат неодамнешни податоци и евиденции во базите на институциите при вкрстените проверки, во согласност со Правилникот за методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список заснована на проверки и статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени теренски проверки и други соодветни признати методи на проверки, за кои се смета дека се на привремена работа или привремен престој во странство, со пријавено последно живеалиште во Република Македонија во бројка од  171.500 лица, без ограничување на нивното избирачко право, Државната изборна комисија ги запишува во посебниот извод на Избирачкиот список од членот 45 став 4 од Изборниот законик, се наведува во измените.

Покрај тоа, ДИК, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, треба  да стави на јавен увид на веб-страницата на Државната изборна комисија 39.502 лица, да спроведе медиумска кампања и да објави јавен повик за пријавување. Ова е бројот на спорни записи во Избирачкиот список утврден при теренската проверка и вкрстените статистички анализи кои беа направени пред неколку месеци.

Државната изборна комисија ќе достави до Министерството за надворешни работи известување за објавување на јавен повик за пријавување на граѓаните од ставот (1) од овој член. Министерството за надворешни работи го објавува јавниот повик на својата веб-страница. Министерството за надворешни работи веднаш е должно да го достави до ДКП, односно до конзуларните канцеларии заради објавување на нивната веб-страница. Рокот за пријавување, во согласност со објавениот јавен повик од ставот (1) од овој член, е  25 дена од денот на објавувањето на јавниот повик“, се наведува во измените на Изборниот законик.

Во утврдениот период , најголемите четири политички партии можат да определат свои набљудувачи во подрачните единици на Државната изборна комисија. Тројца или повеќе членови на Државната изборна комисија, во рок од 10 дена по истекот на рокот  од став (4) од овој член, можат да побараат дополнителна проверка за кое било од лицата кои се пријавиле во текот на увидот, при што можат да побараат лицето да се појави лично ако има живеалиште или престојувалиште во Република Македонија или преку видеоконференциска врска ако е на привремена работа или престој во странство.

Доколку, по истекот на рокот, лицата чии податоци се ставени на јавен увид не постапат во согласност со повикот, не се запишуваат во Избирачкиот список, се наведува во Законот.