Како бебе стана наркотрафикант во Тетово?

Дете на возраст од 1,5 години, во март годинава било искористено од својата мајка за транспорт на дрога која таа ја продавала.  А.Н.(23) од Пробиштип, која била со времен престој во Тетово,  дрогата ја криела во облеката на својот син, но во моментот кога ја извадила за продажба била фатена од тетовската полиција.

Од полицијата велат дека А.Н. била позната како зависник и против неа е поднесена кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, псхитропни супстанци и прекурсори“ како и за  „запуштање и малтретирање на малолетно дете“. 

„Ова е прв случај на злоупотреба на дете за транспорт на дрога во изминатите 10 години. Дилерите понекогш се многу досетливи и не бираат ни начин ни средства за да го изведат тоа“, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, и додава дека во тетовско- гостиварскиот реон, постои нов тренд во нарко бизнисот,  дрогата да ја дистрибуираат наркозависници, па наместо пари за таа услуга добиваат наркотични средства. Току таков случај е и младата жена од Пробиштип, која најчесто дилала дрога за да добие дрога.

„Се помалку има класични дилери. Најчето дрога дистрибуираат лица на возраст од 20 до 35 години. Најмногу се користи марихуаната, но веќе се бележи и раст на  хероинот. Сепак, за среќа, нема многу често случаи на злоупотреба на деца за транспорт на дрога“, вели Јосифоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.