Димески: Димоски лаже, најодговорно тврдам дека не сум изнесувал никакви документи од ССМ

Дарко Димовски

Претседателот на гранковиот Синдикат на работниците во сообраќајот и врски на Македонија и секретар на ССМ, Методија Димески ги демантираше обвинувањата од новиот в.д. претседател Дарко Димоски, кои ги објави ТВ 24 Вести, дека од зградата биле изнесувани класери од негова страна и од вработена во синдикалната гранка за сообраќај и врски.

„Во целост ги демантирам тврдењата изнесени на ТВ 24 Вести од страна на в.д. претседателот Дарко Димоски, дека јас како секретар на ССМ и претседател на гранковиот синдикат за сообраќај и врски на РМ, заедно со вработената наводно сме изнесувале класери со документи од зградата на ССМ, при што сме биле спречени од страна на обезбедувањето на ССМ. Заради тоа сега ни е забранет влезот во нашите синдикални канцеларии. Најодговорно тврдам со полна морална и материјална одговорност, дека не сме изнеле било какви документи, ниту класери, ниту сме биле спречени од обезбедувањето на ССМ. Овие тврдења се тенденциозни и невистинити. Доколку е така, се поставува прашањето зошто истите не биле одземени, а за настанот не бил составен записник“, вели Димески во демантот.

Повтори дека најдоговорно тврди дека изјавата на Димоски невистинита, особено ако се земе фактот дека денот кога новиот претседател влезе во зградата, тој истата напуштил во 9:30 часот.

„Од овие причини барам г-динот Дарко Димовски јавно да ја демантира неговата изјава дадена на ТВ 24 Вести, бидејќи со истата се спречува законска можност за остварување на синдикалните права и заштита на работничките права на членството на гранковиот синдикат за сообраќај и врски. Исто така, сакам да подвлечам дека со оваа невистина и злонамерна изјава се нарушува углед и достоинство на членството и гранковиот синдикат за сообраќај и врски, кој брои над 3.000 членови, и за истата се сноси граѓанска и кривчна одговорност“, вели Димески во демантот.