Димески: „Гентерм“ ќе отвори 2.000 нови вработувања во Прилеп

Да се одржи дадениот збор потребно е силна волја, одлучност и посветена работа. Исклучително важна е секојдневната комуникација со граѓаните и заедничката соработка. Токму ваквиот отворен, транспарентен и чесен пристап при решавањето на заедничките проблеми стана препознатлив за ВМРО- ДПМНЕ.

Ова го истакна претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Никола Димески, на денешната прес- конференција.

-Пред две години ја побаравме вашата доверба, ветувајќи 400 нови проекти. 400 наши и ваши предлози и идеи што значат подобар, посилен и попросперитетен Прилеп. За таа цел, месец aприл ќе го посветиме да дадеме отчет на реализираните проекти на Локалната самоуправа, Јавните претпријатија и Советот на општина Прилеп во изминатите две години. Како одговорна и транспарентна политичка партија, тоа ви го должиме. Еден од најголемите приоритети кои што си го поставивме пред нас во новиот мандат беше создавање на предуслови за влез на странски и домашни инвестиции во Прилеп. Денес, две години по ова ветување, имаме и конкретна реализација. Потпишан е договор за инвестиција на Американската компанија „Гентерм“ која ќе започне со работа оваа година и планира да отвори вкупно 2.000 нови работни места во нашата општина. Прилеп за прв пат во својата историја добие организиран градски превоз. Ова беше едно од најголемите барања на нашите сограѓани и ВМРО-ДПМНЕ го исполни. Во наредниот период овој проект ќе го надоградуваме и прошируваме, истакна Димески.

Потенцираше и дека е започнат еден од најголемите и најзначајните проекти за општината, вреден околу 30 милиони евра, проектот за реконструкција и нова канализациона мрежа во Прилеп, со пречистителна станица.

-Продолживме со инвестиции во образованието и тоа целосна промена на столаријата во основното училиште „Кочо Рацин“, комплетно е реконструирано подрачното училиште во Варош, беше реализиран систем за централно греење во основното музичко училиште, изградба на мултинаменски спортски игралишта, спортски сали, како и многу други проекти во сите училишта на територијата на Прилеп. Инвестираме во образованието, затоа што во образованието е нашата иднина. Но не ги заборавивме и населените места, започнавме изградба на локален канализационен систем во Канатларци, Големо Коњари и Мало Коњари, проекти кои комплетно ќе го изменат и подобрат начинот на живот во овие населени места. После 40 години извршена е реконструкција на училиштето во Беровци, а на Совет донесовме и одлука за преземање на водоводот во Ерековци, проект кој што не го ветивме но го реализираме на барање на нашите сограѓани, а со цел побездедна вода за пиење на жителите, додаде претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Подвлече дека ова е само мал дел од реализираните проекти.

-Инвестиравме и реализиравме проекти во здравството, во урбанизмот и патната инфраструктура, во спортот и културата, во сите области на општественото живеење. Ветивме и исполнивме голем дел од ветеното, но сеуште има уште многу да се работи. Продолжуваме со силно темпо за реализирање на сите ветени проекти и не застануваме тука, се бориме да обезбедиме повеќе средства од странски и домашни проекти и донации со цел реализирање на проекти кои не се ветени, а граѓаните имаат потреба од истите. Продолжуваме одговорно кон вас и кон идните генерации. Заедно да направме уште многу дела за нашиот град, затоа што нашите дела се нашата борба за Прилеп, рече Димески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.