Димитар Мирчев: Штрајк против законот

Последниве недели далеку најпопуларни медиумски личности во државава станаа тројцата несудени „професори“ во Штип. Нема ден да не се појават на ТВ со некоја изјава, па да нема репортажа од просторијата во која штрајкуваат, па изјави од декани, ректори, министри, инспектори, синдикални шефови, колумнисти и сите други трагачи по правда и популарност. Дури една колумна започнува со сосем невкусна споредба со Ганди и Мандела, кои на истиот начин, со штрајк со глад, се бореле за правда и против неправда. С` ми се чини дека кај нас досега немало во науката и образованието некој што заслужил толкаво медиумско внимание како овие тројца „професори“. Нека бил академик или лауреат на Kлиментовата и на Октомвриската награда, иноватор или национален уметник.

Нацијата е обвинета за бесчувствителност, токму така, па за недостиг на чувство на правичност, па за несолидарност со обесправените, па дури и за погрешно разбирање и толкување на законите. Не е утврдено точно дали овој штрајк со глад е заради погрешното толкување на законот (за високо образование) или против самиот закон. Изгледа, се работи за ова второто. Но, ако некој орган, ко било, просветен, инспекциски, универзитетски, постапувал според законот, тогаш штрајкот со глад требало да се префрли во Собранието; или, пак, во Уставен суд, па нека го сменат законот. Таму право на пристап имаат и невладините и Хелсиншки комитет и многу други и здруженијата на економисти, универзитетски наставници, а има и народниот правобранител. Зошто, пак, овој, еден од вистина надлежните, ниту бил алармиран ниту нешто презел?

Но, да се вратиме на проблемот. Законот за високо образование предвидува многу прецизна постапка за избор во универзитетски наставнички звања. Наставно-научниот совет на факултетот е единствено надлежен за избор во такви звања. Ниту ректорот, ниту министерот ниту инспекторот. Советот избира рецензентска комисија, која дава свој предлог, но тој апсолутно нема законска обврска да го прифати тој предлог. Напротив, може да го одбие, да именува друга комисија итн. И тоа често се случувало во универзитетската практика и имало често незадоволства; но немало штрајкови со глад и слично. Освен тоа, кандидатите ги имаат сите права на приговори, жалби, барања до универзитетските, инспекциски и др. органи. Ништо од тоа, во нашиов случај директно – штрајк со глад: Ректорот да свика седница на Советот на факултетот и таму да се изгласа предлогот на комисијата. И тоа до 15 август; а се знае дека на сите факултети и универзитети меѓу 15 јули и 15 септември нема такви седници. Но, тоа е ултиматумот или пак одиме до крај… До крај, тоа е директно кршење на законот. Во таков случај и деканот и ректорот и Наставно-научниот совет и многу други органи непосредно треба да си дадат оставки поради директното кршење на законот.

Не помагаат многу повиците на разум и толеранција. Дај боже да е сторен некој процедурален пропуст, па во септември да се разгледа; но, по с` изгледа, дека ништо не може наспроти законот ниту наспроти убедувањата и гласањето на наставно-научниот совет на факултетот. Овие пак, затечени, гласајќи според своето знаење и совест, би требало на повторен состанок, доколку има приговор, да си ја сменат одлуката. Kојзнае дали ќе го направат тоа? Дали ќе има промени во ставовите? Лично, во таква ситуација не би сакал некој да ми влијае на ставот – со штрајк со глад или со повици за чувствителност доколку сум убеден во својот став. Но притисоците од кој и да се вид може да влијаат.

Најсмешни се овие од синдикатот за образование и наука т.н. СОНK. Со широки раце ги прифатија штрајкувачите и им го понудија сето гостопримство. А штрајкувачите воопшто не биле нивни членови. Но, се испрчија три-четири пати на телевизиите, божем во одбрана на нивните синдикални права. А се знае дека синдикатот на универзитетите токму ништо не значи; ниту имаат организации, ниту членство, ниту влијание ниту учествувале во некои системски дебати за положбата на високото образование. Можеби понекаде некоја осмомартовска екскурзија оди преку синдикатот. И толку.

Што е поуката? Во високото образование вистина има сериозни проблеми и прашања за решавање. И материјални и кадровски и системски. Високото образование се соочува со сериозни европски и светски предизвици, пред с`, во сферата на квалитетот. Дали е потребен еден штрајк со глад за да се реши еден социјален проблем на доцентите од Штип (вработувањето); или да се укаже на бесчувствителноста на нацијата, па нацијата да стане почувствителна на индивидуални социјални случаи? Затоа што ова е типичен социјален случај: доколку не н` изберете за професори, останавме без работа! Или, пак, нивните колеги, за овие да не останат без работа, мора да гласаат за нивниот избор од доценти во професори? Воопшто не ми се верува дека еден квалитетен универзитетски доцент денес може да остане без работа. Макар што без работа остануваат и стотици други кадри – во стопанството, фирмите, па и во науката и културата. Што да прават? Да почнат со штрајкови со глад?

Има тука и редица други морални и етички прашања. Јас лично би потонал од срам кога некој студент би ме прашал: Извинете, професоре, вие ли бевте оној што стана професор со штрајк со глад? Но, да тераме напред со штрајкот и со гладот!

Димитар Мирчев за „Дневник