Димитриев на завршувањето на градежните работи на ПЕТ Центарот

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев, денеска ќе присуствува  на настанот кој се одржува по повод завршувањето на градежните работи на објектот на Јавната здравствена установа УИ ПЕТ ЦЕНТАР, Скопје (во близина на болницата „8 Септември“).

ПЕТ Центарот е објект со површина од околу 2.600 м2 .

Позитронската емисиона томографија претставува нуклеарно-медицинска визуелизациска техника со која се добива тродимензионално прикажување и мапирање на функционалните процеси во телото.

Воедно, претставува нов чекор во евалуацијата на функционалните и малигни метаболни промени во организмот на пациентите, а се користи во областа на онкологијата, хематологијата, кардиологијата и неврологијата, а во поново време и во детската патологија.

ПЕТ Центарот ќе обедини во себе повеќе функции: Оддел за производство на краткоживечки радиоактивни изотопи со позитронски емитери, со инсталација на циклотрон, Оддел за синтеза, производство и контрола на квалитет на ПЕТ-радиофармацевтици, Оддел за развој и истражување за обележување и контрола на квалитет на радиофармацевтици за терапија со бета/гама емитери, клинички оддел за ПЕТ дијагностика итн.