Димитриев: Никој не смее да прави притисок за гласање врз никого

Никој не смее да прави притисок за гласање врз никого и ако постои и се докаже такво нешто таа личност мора да биде и  ќе биде санкционирана, порача премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев по средбата со амбасадорите на САД и ЕУ.

Тој се осврна на поенти од аспект на заплашувања и притисоци, но и за мешањето на партијата и државата.

Никој никому не смее да забрани да се појавува во јавност на било какви настани, и мешањето на партијата со државата како флоскула не смее да се вулгаризира до таа мера што сите ќе треба да заборавиме дека генералниот секретар на СДСМ е министер за внатрешни, а генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ е премиер на Владата за организирање на изборите на 24-ти април. Дали некој присуствува на некој настан на отварање на проект или мерка која тој ја предложил и работел на нејзина реализација е право дали тој што го организира настанот ќе го покани и е елементарно право на секого. Јас би бил најсреќен кога би имало многу проекти низ државата на кои заедно би се појавувале и лидерот на најголемата партија и лидерот на опозицијата, затоа што во сета оваа криза и деструкција како да се подзаборави дека основна работа на политичарите е да создаваат дела и проекти за народот, да предлагаат мерки и реформи, да го подобруваат животот, а не да создаваат кризи и да бидат дел од разни завери и да размислуваат само како да наштетат нешто наместо да создадат нешто, рече Димитриев.

Димитриев порача дека остануваат посветени на заложбите и обврските и смета дека со сигурност ќе се создадат услови за фер избори.