Димитриев: Владата ќе покаже лидерство, со изборите треба да заврши политичката криза

Очекувам да покажеме лидерство во сите институции и крајно време е Македонија да има фер и демократски избори и власта да ја вратиме кај граѓаните, ова го истакна премиерот Емил Димитриев во неговото обраќање пред пратениците, во рамки на расправата за избор на новите министри согласно договорот од Пржино.

Во Владата ќе седнат истите министри и заменици-министри што седнаа за изборите што требаше да се одржат на 24 април.

Премиерот Емил Димитриев посочи дека за кус период се формира влада за спроведување на изборите и дека по двата неуспешни обиди очекува да бидат организирани фер и демократски избори. Тој очекува посветена работа од министрите и од замениците, што не беше случај минатиот пат.

Очекувам да покажеме лидерство во сите институции и крајно време е Македонија да има фер и демократски избори и власта да ја вратиме кај граѓаните. И овие сто дена државата мора да функционира и мораме да бидеме посветени на економијата и на отворањето работни места, посочи премиерот.

Димитриев нагласи дека ќе се посветат на организација на изборите, но и дека паралелно енергијата ќе се фокусира и на проекти и нема да се заборават ветувањата и програмата. Димитриев потенцираше дека ќе се дава поддршка на сите инстутуции кои имаат надлежност за спроведување на избори и дека Владата ќе покаже лидерство.