Димитриев во Рига на Самит на земјите од средна и источна Европа и НР Кина

Владина делегација предводена од премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, од денеска до 6-ти ноември ќе престојува во Рига, Република Летонија, каде се предвидени поголем број активности во рамки на Самитот на земјите од средна и источна Европа и Народна Република Кина.

Како што соопшти владината прес-служба, во рамките на престојот Димитриев, придружуван од членови на Владата, утре ќе присуствува на Петтиот состанок на шефовите на влади на земјите од средна и источна Европа и Народна Република Кина, состанок кој е централна точка на Самитот.

Овој Самит се одржува петта година по ред, и негова основна цел е унапредување на мултилатералната соработка на земјите учеснички, како и унапредување на билатералната соработка на секоја од земјите учеснички со Народна Република Кина. Како дел од досегашната соработка, поголем број на земји учеснички веќе се во фаза на реализација на економски, инфраструктурни, трговски, културни и социјални проекти. Република Македонија реализира проект за изградба на автопатите Скопје – Штип и Кичево – Охрид.

Како дел од активностите на маргините на Самитот, во текот на денешниот ден и во недела, премиерот Димитриев ќе оствари политички и економски средби, меѓу кои е предвидена и средба со премиерот на НР Кина, Кечијанг Ли.

Владината делегација ќе присуствува и на бизнис форумот кој е во организација на Република Летонија и Народна Република Кина, а на кој ќе присуствуваат премиерите на земјите од средна и источна Европа.