Димитриев: За една година отворени над 20.000 работни места

Премиерот за спроведување на изборите, Емил Димитриев денеска истакна дека историскиот пад на невработеноста во Македонија на 24,6 проценти е резултат на реализација на Програмата и на ветувањата дадени кон македонскиот народ за намалување на невработеноста.

За само година, потенцира Димитриев, невработеноста е намалена за три проценти и се отворени повеќе од 20.000 работни места на ниво на држава.

– Ова е голем успех за сите институции кои се вложија во реализацијата. Намалувањето на невработеноста е резултат на повеќе реализирани мерки и политики на Владата. Повеќе институции беа вклучени во оваа активност, но најзаслужна е Агенцијата за вработување, рече Димитриев, кој на средбата им честитал на раководителите на одделенијата за вработување за вложениот труд.

Во изминатиот период се реализирани многу вработувања, според Димитриев, како резултат на комуникацијата помеѓу оваа институција со компаниите заинтересирани за ангажирање нова работна сила.

На средбата е констатирано дека се повеќе се зголемува довербата на компаниите во Агенцијата за вработување која што ќе помогне во полесно наоѓање соодветна работна сила. Тоа, укажа Димитриев, уште повеќе ќе влијае на намалување на невработеноста.

Според договореното на средбата, во иднина ќе се стимулира практиканството кај компаниите на се поголем број средношколци, но и млади со завршено високо образование. Тоа ќе помогне компаниите да се запознаат со потенцијалниот кадар што е на располагање, а добиената пракса на вклучените лица ќе им помогне полесно да се снајдат на пазарот на трудот.

Премиерот за спроведување на изборите истакна дека сите идни активности укажуваат оти ќе има дополнителен пад на невработеноста бидејќи се најавени повеќе странски и домашни инвестиции и зголемување на обемот на работата на постојните компании.

– Оваа состојба ќе влијае и на дополнително зголемување на платите на вработените кои во овој период бележат пораст, но тој пораст ќе биде се поголем како што ќе се намалува процентот на невработеноста, изјави Димитриев.

На средбата со претседателот за спроведување на изборите присуствуваа заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски и раководителите на подрачните единици на АВРМ.