Димитриев – Заоралек: Потребно е спроведување на фер и демократски избори

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Чешката Република, Лубомир Заоралек.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, биле поздравени одличните билатерални односи помеѓу двете земји, кои се карактеризираат со континуиран дијалог на највисоко ниво и нагорен тренд на соработка во сите сфери од взаемен интерес.

Димитриев и Заоралек ја истакнале заедничката заложба за унапредување на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.

Двајцата соговорници ја потенцирале потребата и заложбата за интеграција на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.

Димитриев искажал благодарност за континуираната поддршка која Чешката Република ја дава на нашата земја во процесот на европските и евро-атлантските интеграции, посочувајќи дека и покрај специфичната политичка состојба Република Македонија продолжува со спроведување на владината реформска агенда за интеграциските процеси.

Соговорниците разговарале и за предизвиците во врска со менаџирањето на мигрантската криза и можностите за нивно надминување, при што ја истакнале потребата од координирани активности на меѓународната заедница особено на земјите кои се засегнати од истата.

Чешкиот министер Заоралек ја посочил значајната улога на нашата земја во овој процес и ја истакнал подготвеноста на Чешката Република за понатамошна соработка на ова поле.

Двајцата соговорници се согласиле дека е потребно што побрзо надминување на актуелната политичка состојба во земјата, и организирање и спроведување на фер, кредибилни и демократски избори кои ќе обезбедат стабилна влада која ќе продолжи со реформите кои се значајни за понатамошниот напредок.

Димитриев го запознал својот соговорник со активностите и мерките на Владата кои се во насока на организацијата на претстојните избори на 24 април, и изразил уверување дека сите институции ќе го дадат својот максимум во реализацијата на сите неопходни мерки за нивно успешно спроведување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.