Димитриев: Да празнуваме во мир и да се радуваме на големиот празник

Претседателот на Владата на Република Макједонија задолжен за спроведување на парламентарните избори Емил Димитриев по повод големиот христијански празник Велигден упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и до сите верници.

Интегрален текст од честитката:

Ваше блаженство,

Дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Македонија и во дијаспората, да Ви го честитам најголемиот христијански празник Велигден и да Ви посакам величествено велигденско празнување.

Овој празник е суштина на христијанството и силна потврда на верата во Бога. На овој ден смртта со смрт е победена, а големиот чин му даде силна утеха на човештвото. Христовото жртвување е спас за сите нас и за целото општество. Исус воскресна и страдањето го направи блажено, ја помири борбата помеѓу доброто и злото и направи пат кон уживање во благодeтите на животот. Токму затоа, нема поголема радост и восхит од празнувањето на животот и тоа не било каков живот, туку живот насочен од Бога, живот по патека која долго во минатото му беше непозната на човековиот род. Нашиот спасител Исус се жртвуваше за нас луѓето и ни дари храброст и духовна крепост да не водат низ нашите животи.

Токму затоа, во овие убави велигденски денови нека надежта, почитта и љубовта кон нашиот спасител ја исполнат нашата душа и нека ги насочат нашите мисли кон препознавање на великодушниот подвиг и вистинските вредности во животот. Да празнуваме во мир и да се радуваме на големиот празник. Да бидеме чисти пред себе и пред нашиот Бог. Нека Бог е со нас, со нашиот народ и со нашата држава. Да ни дарува мудрост, но и единство, солидарност кое ни е потребно во овие мигови. Да се вратиме на патеките на напредокот и да продолжиме да градиме и создаваме заеднички и силно за нашата заедничка татковина. Да љубиме и да се помагаме, да шириме добра мисла и да се почитуваме, да бидеме скромни и милостиви, да правиме добри и богоугодни дела и на тој начин вистински да се заблагодариме на нашиот спасител и неговата љубов кон нас.

Нека ни е честит и вековит Велигден!

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!