Димитрис Каменос: Нема да се постигне решение за името

Еден од потпретседателите на грчкиот парламент и пратеник од Независни Грци, Димитрис Каменос,  кој мина помалку од еден ден како заменик-министер за инфраструктура, транспорт и мрежи во вториот кабинет на премиерот Алексис Ципрас, смета дека нема да се постигне решение на проблемот со името.

„Мислам дека вака како што оди, нема многу простор. Нема да постои решение. Овие луѓе не можат да ги сменат работите што ние ги сметаме за неопходни и треба да се направаат како гаранција. Ни говори (Заев) за меѓународен договор, вели ние нема да промениме јазик, нема да смениме ништо, нема да го промениме Уставот, само табли менуваат, вели Каменос во интервју за грчката телевизија SKAI.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, пратеникот од Независни Грци, упати критики до македонскиот премиер, затоа што „во време на сериозни преговори, излегол со хумористични изјави за промена на грчкиот Устав“.

Говорејќи за грчко-турските односи, Каменос побара од Заев јавно да ја коментира „турската провокација“.

„Господинот Заев сака да влезе во Европа. Не сака да влезе? Не бара од нас различни имиња? Во која Европа сака да влезе? Има дадено некоја изјава за турската провокација? Доаѓа господинот Заев и ни вели сакам да влезам во Европската унија. Границата на неговата земја ќе биде Европската унија, ќе сака утре тоа да го поддржува Грција и Европската унија? Ќе треба и тој да даде изјава. Ова го кажувам јавно. Да ја процени агресивност во ексклузивната економска зона на Кипар и агресивноста на Турција (со која има многу добри односи) на границата со Грција, што е и европска граница“, рече потпретседателот на грчкиот парламент и пратеник од Независни Грци.