Македонија

Димитров-Блок: Постојан напредок и реформи за македонските евроинтеграции

Димитров-Блок: Постојан напредок и реформи за македонските евроинтеграции

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска во Хаг се сретна со неговиот холандски колега Стеф Блок, кој, како што соопшти македонското МНР, го поздравил периодот на стабилност во Македонија и ја нагласил потребата од постојан напредок.

Димитров, кој од вчера е во посета на Холандија, ги образложил чекорите преземени од Владата на Македонија на внатрешен и надворешен план, како и нивната заемна  поврзаност. Министерот Димитров нагласил дека ЕУ интеграцијата е најдобрата трансформациска алатка во поддршка на реформскиот процес.

Целосно го прифаќаме холандскиот „строг и фер“ пристап кон ЕУ интеграцискиот процес. Тоа е формула која на Република Македонија и’ е потребна поради трансформација на државата во стабилна европска демократија, навел Димитров.

Шефот на македонската дипломатија се обратил и пред членовите на Комисијата за европски прашања во Парламентот на Холандија. Пред холандските пратеници, Димитров нагласил дека намерата не е да се одбегнуваат  проблеми, туку да се решаваат.

„Во однос на ЕУ интеграцијата, поважни од прашањето „Кога?” се прашањата „Како?” и „Што?” во остварување на реформски напредок.”, нагласил Димитров.

Генералниот секретар во Министерството за одбрана, Вим Хертс, пак на средба со Димитров упатил пораки на поддршка за НАТО членството на Република Македонија.

Димитров се сретнал и со Мартијн Лукасен, советникот за ЕУ прашања на премиерот на Холандија, како и со Матијс ван дер Плас, генерален директор за европска соработка во холандското МНР.