Димитров и Коѕијас во Атина за предигра на средбата Заев-Ципрас во Софија

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, можно е уште денеска да имаат средба на која во четири очи ќе разговараат за спорот со името пред нивната утрешна средба со медијаторот на ОН Метју Нимиц, во местото Сунио во близина на Атина.

Шефовите на дипломатиите на Вишеградската група-Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, како и министрите на Балканските членки на ЕУ, Грција, Бугарија, Романија и на Хрватска денеска имаа работна средба во Сунио. На состанокот како набљудувачи беа повикани и министрите за надворешни работи на земјите што чекаат да влезат во ЕУ – Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија, како и нивните колеги од Словенија и Кипар.

Димитров, Коѕијас и Нимиц утре ќе ги продолжат преговорите за името, а од досегашниот тек на овие средби може да се заклучи дека отворени останаа прашањата за опсегот на употреба на новото име и промените во Уставот на Македонија.

Новата средбата во Атина е пред средбата на двајцата премиери. На 17 мај на Самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во Софија најавена е и средба меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Заев неодамна најави дека наредната средба со неговиот грчки колега ќе значи дека е пронајдено и решение за името.