Македонија

Димитров и Османи во дводневна посета во Брисел

Димитров и Османи во дводневна посета во Брисел

Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи од понеделникот ќе престојуваат во дводневна работна посета во Брисел.

Во текот на посетата, вицепремиерот Османи ќе оствари средби со потпретседателката на Европската комисија и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, како и со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан.

На средбите ќе се разговара за новите можности на евроинтегративните процеси на Република Македонија, кредибилноста на процесот на проширување на Унијата, а ќе бидат отворени и темите за регионалните предизвици во контекст на соработката на земјите од Западен Балкан.

Во рамките на посетата на Брисел, Османи ќе учествува и на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите- членки на ЕУ, организиран под покровителство на постојаните претставници на Шведска и Бугарија во ЕУ, каде заедно со Министерот за надворешни Димитров ќе реферираат за напредокот на Македонија во спроведувањето на реформите за европска интеграција, како и за останатите активности во насока на европските амбиции на земјата.

Вицепремиерот Османи ќе има и свое обраќање пред независниот тинк тенк институт, Европски центар за политика (EPC), на тема, „Планот 3-6-9: понатамошно унапредување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ“ (Plan 3-6-9: Further advancement of the Macedonian EU integration process), а ќе оствари средба и со Директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Геновева Руиз Калавера.