Димитров контра Дачиќ и Вучиќ

Владата на Македонија ниту имала намера, ниту дала наредба или инструкција, ниту пак извршила разузнавачки дејства против и на штета на некоја од нашите соседни земји, вклучително и Србија, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Институциите на државата, рече Димитров, работат согласно законот за заштита на уставниот поредок и на граѓаните на Македонија.

„Впрочем токму луѓето во оваа Влада ги почувствувале последиците од незаконско прислушување и добро знаат што значи тоа. Суштината во пристапот кон регионалната соработка на новата Влада на Република Македонија се темели на решавање на проблемите кои постојат во регионот, наспроти создавање на проблеми. Тоа е политика на отворени врати и решенија, на нов конструктивен и отворен пристап кон соседите, тоа се решенија кон унапредување на добрососедството, соработката и партнерството со другите земји од опкружувањето“, рече Никола Димитров – министер за надворешни работи на Македонија.

Тој посочи дека доколку постојат какви било недоразбирања, смета дека директниот разговор и дијалог е вистинскиот начин за тие да се адресираат. Прашан што значат изјавите на српските претставници дека „знаат се и што се договарале и што договориле“, Димитров рече дека преку Амбасадата во Белград е побарана официјална информација и дека не сака на вакви теми да говори со шпекулации.

„Граѓаните на Р. Македонија и на Р. Србија во името на сето тоа што не врзува, на заедничката европска иднина кон која се стремиме заслужуваат за вакви теми да не се говори врз база на шпекулации и затоа дијалогот е многу важен. Ние преку нашата Амбасада во Белград побаравме официјална информација за настанот и ќе биде лошо ако носиме одлука врз основа на шпекулации. Се надевам дека и ние ќе дознаеме што е тоа“ рече Никола Димитров – министер за надворешни работи на Македонија.

Тој апелира на трпение и во однос на наводите од Белград дека станува збор за вмешаност на странски фактор, укажувајќи дека македонските власти очекуваат официјална информација, која ќе ја анализираат, а потоа и ќе и ја соопштат на јавноста, бидејќи како што рече, шпекулациите без информации можат само да наштетат.