Димитров не е запознаен со изјавата на Јотова за Македонците со бугарски пасоши

Во однос на изјавата на бугарската потпретседателка, Илијана Јотова дека 70.000 Македонци кои добиле бугарски пасоши се Бугари, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во понеделникот рече дека ја нема видено, но дека тоа дополнително укажува на потребата за што поскора интеграција во ЕУ.

„Вистинското решение како да се справиме со тоа што наши државјани аплицираат за пасоши на други земји, на земји-членки е да ја зголемиме атрактивноста на македонскиот пасош. Вистински долгорочно решение како да се соочиме со овој предизвик е пасошот на Република Македонија да стане пасош на земја-членка на ЕУ. И затоа е многу важно да направиме се што можеме да ја искористиме шансата што се црта полека за 2018 година“, рече министерот Димитров.

Од 2001 година, 71.524 лица добиле бугарско државјанство во Република Македонија, објави бугарската потпретедателка Илијана Јотова при неодамнешниот престој во Скопје,

„Јас не ги гледам вашите сонародници кои добиле бугарски пасош само како на луѓе кои имаат формален документ, за мене тие што имаат бугарски пасош се Бугари. Станува збор за луѓе со бугарско самосознание и во голем бој за луѓе кои имаат бугарско државјанство“, коментираше притоа Јотова.

„Од почетокот на мандатот на претседателот Румен Радев, кој започна во јануари оваа година, 1.184 Македонци добиле бугарско државјанство”, рече потпретседателот Јотова за време на состанокот со Бугари кои живеат во Македонија, во амбасадата на Бугарија во Република Македонија.

Вети дека наскоро ќе биде олеснет режимот за добивање на бугарско државјанство. „Ви ветувам во најскоро време дека ќе се олесни процедурата за добивање на бугарско државјанство”, рече Јотова

За време на состанокот со премиерот Зоран Заев и претседателот на парламентот, Талат Џафери, Јотова побарала да се овозможи отворање бугарски телевизиски канал. Изјави и дека меѓу приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ, се изградбата на Коридорот 8, отворањето на нови контролни пунктови по границата и модернизација на веќе постоечките.