Димитров од европратениците побара ветер во грб за Македонија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска зборувајќи на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент рече дека Македонија предолго време искусувала ветер во лице. Тој побара од европратениците да и даделе на земјава, како што рече ветер во грб, а Македонија ќе возвратела со мирни води и плодна жетва.

Тој пред членовите на комисијата реферираше за спроведувањето на клучните реформи во земјата, како и посветеност на, како што рече, градење мостови на добрососедство, регионална и меѓународна соработка, со цел овозможување видлива и достижна европска перспектива

„Градењето модерна европска демократија е, пред сè, во интерес на нашите граѓани, во интересна земјите од регионот и од интерес на ЕУ. Стабилна, економски просперитетна и успешна Република Македонија подразбира стабилен и просперитетен регион” рече Димитров.

Димитров оствари серија средби со повеќе европратеници од кои побара поддршка Македонија да направи суштински исчекор во процесот на европските интеграции во текот на 2018 година.