Димитров со Тилерсон за разговорите со Грција и политичката ситуација во земјата

Македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров, вo средата беше примен во Стејт департментот од страна на Рекс Тилерсон, државен секретар на САД, при што а интерес на државниот секретар дал осврт на актуелните политички состојби во Република Македонија и во регионот, а исто така го запозна и со актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција.

„Македонија е пријател и партнер на САД, убедени сме дека со вашата помош и лидерство, и поддршката на европските сојузници, набргу ќе станеме дел од семејството на НАТО. Нашата посветеност и решителност е огромна, како би ја искористиле оваа можност што ни’ се укажува“, рекол Димитров.

Информирајќи за реформите во Македонија, Димитров нагласил дека „сакаме да изградиме силни и демократски институции и да го зацврстиме владеењето на правото, за да ја направиме Македонија посакувана полноправна членка на евро-атлантската заедница“.

Зборувајќи за придонесот на Република Македонија во зачувувањето на меѓународната безбедност и борбата против тероризмот, Димитров ја реафирмираше цврстата определба на Владата на Република Македонија постепено да го зголемува буџетот во сферата на одбраната согласно барањата на Алијансата. Во контекст на односите со соседите и состојбите во регионот, Димитров подвлече дека „нерешавањето на проблемите повлекува политичка одговорност“.

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, истакна дека Македонија е на добар пат да биде успех и пример за регионот. Тој нагласи дека САД ќе продолжи да има позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот; да бара начини како да помогне. Тилерсон даде поддршка на реформската агенда повикувајќи ја Владата на РМ да истрае во нејзиното спроведување .

Димитров учествуваше и на конференцијата на Атлантскиот совет на САД, насловена како „Следната бура? Обликување на балканската иднина во ера на неизвесност“ каде беше повикан да се обрати пред бројната публика составена од експерти и претставници на дипломатскиот кор во Вашингтон. На панелот со тема „Голем ризик, голема награда: Справување со долготрајните политички предизвици на Балканот“ на кој учествуваа и Хојт Брајан Ји, Енвер Хоџа и Астрит Истрефи, а го модерираше Јануш Бугајски, Димитров говореше за актуелните состојби во Република Македонија, со посебен акцент на надминувањето на разликите околу името со Грција.

Шефот на македонската дипломатија оствари средба и со експертите за регионот: Даниел Сервер, Едвард Џозеф и Мајк Халцел, како и со Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет на САД, со кои разменија мислења за актуелностите и перспективите на регионот.

Во текот на последниот ден од работната посета на Вашингтон, предвидени се средби со: советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Х.Р. МекМастер, претставници на Конгресот на САД, како и со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт.