Димитров во Софија само на кусо со Коѕијас

Министерот за надворешни работи Никола Димитров имаше куса одвоена средба со грчкиот колега Никос Коѕијас како продолжение на напорите за надминување на разликата околу името, а средбата беше остварена во рамките на учетвото на шефот на макединската дипломатија на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во Европската унија (GYMNICH), што во четвртокот и петокот се одржува во бугарската престолнина Софија.

На покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и министерката за надворешни работи на Република Бугарија Екатерина Захариева (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ), денеска, министерот Никола Димитров, учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ, информираат од министерството за надворешни работи.

Дискусиите на состанокот беа фокусирани на соработката и партнерството во областа на безбедноста и одбраната. Министерот Димитров ја истакна потребата за сеопфатен пристап и глобална посветеност во справувањето со безбедносните предизвици и побара вклучување на земјите од нашиот регион во заложбите за развој на безбедносните и одбранбени политики, бидејќи, како што изнесе, иако земјите на Западен Балкан не се членки на ЕУ, тие и припаѓаат на истата Европска безбедносна заедница. Сметаше дека интеграцијата на нашите земји во ЕУ дополнително ќе ги зајакне напорите за адресирање на безбедносните прашања на поефективен и покоординиран начин.

Во овој контекст, Димитров ја поздрави амбицијата на бугарското претседателство да прерасне во “Балканско претседателство“ со посебен фокус врз политиката на ЕУ за проширувањето, која продолжува да биде најефективен инструмент за гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот во регионот.

Исто така, Министерот за надворешни работи на Република Македонија ја поздрави и Стратегијата на ЕК за перспективите на проширувањето со земјите од З. Балкан, со која се потврдува иднината на нашиот регион како геостратешка инвестиција во стабилна, цврста и обединета Европа, заснована на заеднички вредности.

Димитров ги информираше присутните и за соработката на Република Македонија во областа на безбедноста и одбраната, ставајќи акцент на учеството на нашата земја во мисиите/операциите предводени од ЕУ, НАТО и ОН, учеството во глобалната коалиција за борба против тероризмот, како и споделувањето на ставовите со ЕУ во рамките на нејзината надворешна и безбедносна политика.

На маргините на настан, Димитров оствари повеќе средби со своите европски колеги со кои разговараше за неодамна усвоената Стратегија и за нашите европски перспективи. Исто така, министерот Димитров информираше за посветеноста на Владата на реформската агенда и потребата за отпочнување на пристапни преговори.
На средбата со шефот на дипломатијата на Кралството Шведска, Маргот Валстром, меѓу другото се разговараше за политичките динамики во нашиот регион, како и за нашиот ангажман во функција на реализација на стратешките определби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.