Димитров за ТВ НОВА: Македонија и Бугарија до 1944 имаат потполно заедничка историја

Македонизмот се повторува низ историјата и стопроцентно се потпира врз историски лаги, изјави во телефонски разговор во ОКО на ТВ НОВА, Божидар Димитров, еден од најгласните негатори на македонското постоење, актуелен директор на бугарскиот национален историски музеј, според кој Македонија и Бугарија до 1944 имаат потполно заедничка историја

„Тоа се лаги кои немаат ништо заедничко со историјата воопшто и оттука натаму со кражбата на историски факти дека Самоил е македонски цар, или Илинденското вотание е македонско и Бугарија нема никаков удел во него, тогаш природно, полека започнува ерозија на македонизмот. Македонските деца, па потоа и македонските граѓани, ќе научат дека тоа се лаги кои тие ги учеле и некој им ги кажувал“, изјави Димитров.

Во однос на македонскиот народ и јазикот, Димитров вели дека Бугарија не ги негира, меѓутоа според него смешно е да се бара од Бугарија да го признае јазикот, зашто тоа треба да го направат лигвистичките институти, а тие не го признаваат.

„Никој не го негира ниту постоењето на македонскиот народ, ниту на неговиот јазик. Негирањето на јазикот не можат да го направат владите, тоа е најсмешното нешто што го барате од нас: бугарската влада да го признае македонскиот јазик, како бугарската влада да е лингвистички институт. Вредност по основа на таа тема имаат само таквите институти кои можат да кажат дали го има или го нема јазикот. Повеќе од нив велат дека го нема, Француската енциклопедија на лингвистика вели дека тој е идиом на бугарскиот јазик. Руската го вели истото. Што да направиме? Не може Бојко Борисов да се прави дека е лингвист. Тоа е смешно“, дециден е Димитров.

По 1944, веќе природно се разделуваат двата народи, односно се разделуваат двете населенија, на Бугарија и на Македонија и тоа веќе е македонска историја, исто така, смета Димитров.

„Таа веќе не е мала, се одвива повеќе од седумдесет години, наскоро ќе станат сто. Би требало да се задоволни. На таа историја ние не посегнуваме, тоа си е ваша историја“, изјави натаму за ТВ НОВА Божидар Димитров.

Според него, без разлика на расправиите околу историјата, Македонија и Бугарија мораат да градат добрососедски оноси.

„Секој човек гледа да е добар со соседите, па така е и со Македонија. Ние со Србите, Романците, Турците и Грците сме воделе битки, со стотици илјади војска за во моментов да имаме прекрасни односи. А со Македонија не сме пукнале ниедна пушка еден против друг, за да бидеме во лоши односи. И тоа зошто? Поради историјата, не сме се скарале, да речеме поради нешта кои се важни“, изјави Димитров.